Една од најголемите руски рафинерии за нафта, НОРСИ, во градот Кстово, Нижегородска област, наводно била цел на украински напад со беспилотни летала во текот на ноќта. По нападот избувнал голем пожар, а на социјалните мрежи се прошириле снимки на кои се гледаат пламен и густ чад, објави „Киев Индепендент“.
Украинските Телеграм-канали „Ексиленова плус“ и „Супернова плус“ објавиле видеоснимки за кои тврдат дека го прикажуваат нападот врз рафинеријата, која е во сопственост на рускиот нафтен гигант „Лукоил“. За инцидентот известил и независниот руски медиум „Астра“, наведувајќи дека објектот бил погоден и дека избувнал пожар.
Гувернерот на Нижегородската област, Глеб Никитин, потврдил дека во текот на ноќта бил извршен масовен напад со дронови, при што индустриски објект во областа Кстово претрпел сериозни оштетувања. Тој не открил за кое постројување станува збор. Според првичните информации, нема повредени или загинати.
Руските власти соопштиле дека во текот на ноќта биле соборени повеќе од 100 беспилотни летала. Сепак, засега нема независна потврда кои делови од рафинеријата биле погодени, колкава е штетата и дали производството повторно ќе биде прекинато.
Рафинеријата НОРСИ, позната и како „Лукоил-Нижегороднефтеоргсинтез“, е четврта по големина во Русија и втор најголем производител на бензин во земјата. Нејзиниот годишен капацитет за преработка достигнува меѓу 15 и 17 милиони тони сурова нафта.
Покрај бензин, во неа се произведуваат дизел и авионско гориво, како и битумен. Дел од нафтените деривати се користат и за потребите на руските вооружени сили.
Објектот се наоѓа на околу 800 километри од украинската граница, што ја покажува способноста на украинските беспилотни летала да достигнат цели длабоко на руска територија.
Ова не е првпат рафинеријата во Кстово да биде цел на украински напади. На 26 август 2026 година, објектот повторно бил погоден, по што избувнал голем пожар и биле предизвикани оштетувања поради кои рафинеријата морала да ја прекине работата.
Засега не е познато какви последици ќе има најновиот инцидент врз производствените капацитети. Украина од почетокот на 2026 година интензивираше напади со дронови со долг дострел врз руски рафинерии, складишта за гориво и други објекти од енергетскиот сектор.
Со овие операции Киев настојува да ги намали руските капацитети за производство и снабдување со гориво, како и да ги зголеми економските трошоци поврзани со војната. Енергетскиот сектор е еден од значајните извори на приходи за руската држава.

