Вакцинацијата против туберкулоза со БСЖ вакцината кај новороденчињата во Македонија привремено се запира, откако Комисијата за имунизација одлучи да преземе превентивна мерка додека траат дополнителните проверки на вакцините.
Одлуката е поврзана со проверка на сериите што се употребуваат во земјава. Според образложението, станува збор за вакцини од производител од Бугарија, ист како оној чии серии се предмет на проверка во Хрватска.
Хрватските здравствени власти претходно презедоа слична мерка поради сомнежи поврзани со одредени сериски броеви на БСЖ вакцината, која се дава на бебињата веднаш по раѓањето.
Според информациите што биле причина за проверките, кај одредени серии биле утврдени дополнителни соединенија, за кои постои сомневање дека би можеле да бидат поврзани со појава на остеомиелитис, односно воспаление на коскеното ткиво кај децата.
Од Комисијата за имунизација во Македонија засега не наведуваат конкретен датум до кога ќе трае прекинот. Вакцинацијата ќе остане запрена сè додека не бидат добиени целосните информации и резултатите од безбедносните проверки на сериите.
БСЖ вакцината е дел од редовниот календар за имунизација во Македонија и се применува во најрана возраст. Според официјалниот календар, вакцината против туберкулоза најчесто се дава во родилиштето пред отпуштањето на мајката и новороденчето, обично во првите 24 до 72 часа по раѓањето.
Доколку вакцинацијата не е спроведена додека детето е во родилиште, таа може да биде одложена. Во таков случај, БСЖ вакцината може да се прими најдоцна до наполнети 12 месеци, без претходно спроведување туберкулински тест.
Привремениот прекин, според Комисијата, е преземен како мерка на претпазливост додека не завршат проверките и не бидат достапни целосните податоци за безбедноста на вакцините.

