Украинската престолнина Киев се најде под силен руски ракетен напад во кој загинаа најмалку три лица, а 22 беа повредени, објавија украинските медиуми. Во нападите беа оштетени станбени објекти, а мета на руските ракети биле и енергетски капацитети во градот.
Првите експлозии се слушнале доцна навечер, кога руски проектил погодил деветкатница во киевската населба Десњански и предизвикал голем пожар. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во овој напад загинале најмалку две лица, додека 21 лице било повредено. Шеснаесет од повредените биле пренесени во болница, а четворица се наоѓале во тешка состојба.
Нападите продолжиле и во раните утрински часови. Во периодот од 4:45 до 6:45 часот во повеќе делови од градот се слушнале над десет експлозии. Околу 5:30 часот биле забележани и краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.
По новиот бран напади, градските власти пријавиле уште едно лице кое било хоспитализирано во Дарницкиот округ, како и уште една загината личност во Голосиевскиот округ. Со тоа, според првичните информации, бројот на загинати се искачил на најмалку три лица.
Покрај станбените објекти, оштетувања биле регистрирани и на деловни згради, семејна куќа и напуштен објект. Според информации од украински претставници од енергетскиот сектор, нападите опфатиле и неколку енергетски постројки. Засега не се објавени целосни податоци за обемот на штетата врз електроенергетската инфраструктура.
Жителите на Киев сведочеле за моментите на страв што ги доживеале за време на нападите. Еден од нив, Максим, раскажал дека со партнерката најпрво се засолниле во ходникот од станот, а потоа се упатиле кон засолниште откако експлозија во близина ги искршила прозорците во нивниот дом.
„Сè се случи многу брзо. Не ни сфативме што се случува“, изјавил тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека нападите врз енергетските објекти претставуваат кршење на најавеното енергетско примирје, за кое претходно се зборувало во контекст на иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски порача дека руските сили намерно ја нападнале инфраструктурата што требало да биде опфатена со договореното ограничување на нападите. Според него, ваквите дејствија покажуваат дека Москва не ги почитува пораките од Вашингтон.
Украинскиот претседател претходно изјави дека Киев е подготвен да се придржува до енергетско примирје доколку и Русија престане со нападите врз украинската енергетска мрежа.
Нападите се случуваат во период на зголемени тензии околу воената поддршка за Украина. Неколку дена претходно, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да престане со нападите врз руските нафтени постројки, наведувајќи дека тие придонесуваат за раст на цените на нафтата.
Дополнителни реакции предизвика и информацијата дека Украина не добила навремени предупредувања од своите сојузници за лансирањето на ракетите. Советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, соопшти дека предупредување немало ниту во претходните денови.
И Зеленски потврди дека украинските системи ги откриле ракетите дури кога тие се приближувале кон Киев. Украинското воено воздухопловство, исто така, соопшти дека не добило информации од партнерите за лансирањата од руска територија.
Во меѓувреме, украински претставници тврдат дека од американската администрација биле упатени предупредувања до високи украински воени и владини функционери поради нападите врз руските рафинерии. Според нивните наводи, било споменато и можно ограничување на размената на разузнавачки информации и на одредени форми на воена поддршка.
Засега останува неизвесно какви ќе бидат последиците од најновиот напад врз енергетскиот систем на Украина и дали случувањата дополнително ќе ги усложнат дипломатските напори за ограничување на нападите врз критичната инфраструктура.

