Руски сателит изведе необичен маневар во орбитата и се приближи на околу 500 метри до комерцијален сателит за набљудување на Земјата, кој се поврзува со безбедносни потреби, вклучително и со поддршката за Украина. Инцидентот го следат експерти за вселенски активности, кои предупредуваат дека ваквото приближување може да има воена и разузнавачка цел, иако засега нема потврда за непријателски намери, објави Си-ен-ен.
Станува збор за рускиот сателит „Космос 2612“, кој се приближил до „Iceye-X36“, управуван од меѓународната компанија Iceye. Според податоците на компанијата LeoLabs, која ги следи објектите во орбитата, руското летало извршило маневри што наликуваат на операции за приближување и следење на друг сателит.
„Намерата засега не е јасна, но ваквото однесување бара дополнително следење“, соопштија од LeoLabs.
Астрофизичарот и аналитичар за вселенски активности Џонатан Мекдауел посочил дека приближувањето на летала во орбитата не е невообичаено само по себе. Сепак, според него, овој случај би можел да претставува редок пример на приближување без согласност од операторот на другиот сателит.
„Iceye-X36“ користи радарска технологија со синтетичка апертура (SAR), која овозможува снимање на земјината површина со висока резолуција и во текот на денот и ноќта, независно од облачноста и временските услови. Токму ваквите можности ги прават сателитите важни за следење на движењата на теренот.
Компанијата Iceye претходно објави дека ја проширила соработката со Украина, обезбедувајќи сателитски податоци за украинските вооружени сили. Сепак, не е потврдено дали „Iceye-X36“ е директно вклучен во таа поддршка.
Сомнежите за руско следење на сателитите на Iceye се појавиле и претходно. Во извештај на британскиот институт RUSI од јуни било наведено дека четири руски сателити ги приспособиле своите орбити за да се усогласат со траекторијата на „Iceye-X36“.
Според LeoLabs, руското летало нагло ја намалило оддалеченоста од околу 350 километри на помалку од пет километри во периодот меѓу 15 и раните утрински часови на 16 октомври. Потоа продолжило со помали корекции на траекторијата за да остане во близина на целта во текот на викендот.
Анализата покажува дека во еден момент сателитите биле оддалечени приближно 500 метри. Од LeoLabs, сепак, предупредуваат дека точната процена на растојанието е отежната поради повторените маневри и сложените услови за следење.
До понеделникот, рускиот сателит почнал повторно да се оддалечува од „Iceye-X36“. Експертите сметаат дека приближувањето можело да има повеќе цели – од набљудување и собирање информации до испитување на можностите на другиот сателит или потенцијално попречување на неговото функционирање.
Од LeoLabs нагласуваат дека самиот инцидент не докажува дека Русија имала намера да го нападне или оштети сателитот. Сепак, ваквите маневри покажуваат способности што би можеле да се искористат за разузнавачки операции, следење на други летала или подготовка за идни воени активности во вселената.
Извештајот на RUSI посочува дека меѓу можните мотиви се и заплашување и обид за попречување на комуникациите со употреба на таканареченото „џемирање“ – намерно создавање радиосметки што можат да ги нарушат сигналите.
Заштитата на сателитите од вакви активности останува сериозен предизвик. Иако засега нема доказ дека „Космос 2612“ се обидел да го онеспособи „Iceye-X36“, инцидентот повторно го отвора прашањето за безбедноста на сателитите што обезбедуваат важни информации во услови на воен конфликт.

