HomeГЛОБУС„СТАНОВИТЕ СТАНУВААТ НЕДОСТАПНИ“

„СТАНОВИТЕ СТАНУВААТ НЕДОСТАПНИ“

Илјадници граѓани излегоа на улиците во центарот на Лисабон, барајќи од португалската влада да го повлече предлог-законот за изнајмување станови. Демонстрантите предупредуваат дека предложените измени би можеле дополнително да ја продлабочат станбената криза, која веќе претставува еден од најголемите проблеми во Европа.

Португалија со години се соочува со нагло зголемување на цените на недвижностите и кириите, а последиците особено ги чувствуваат младите. Од 2017 година цените на становите и куќите се повеќе од двојно зголемени, додека кириите за новите договори речиси се удвоиле, објави Ројтерс.

Според проценките на организаторите, неколку илјади луѓе се собрале на плоштадот Росио во Лисабон. Полицијата не објавила официјални податоци за бројот на учесници. Протестот е дел од поширокото незадоволство поради скапото домување, растечките животни трошоци и владините политики.

Напнатоста се зголемила во последните недели. Минатиот викенд полицијата ги растерала демонстрантите кои кампувале на истиот плоштад, при што употребила палки и привела 25 лица. Постапувањето на полицијата предизвикало критики од организаторите и учесниците.

Рита Силва, портпаролка на движењето за достапно домување „Casa para Viver“, за португалската јавна телевизија РТП изјавила дека граѓаните остануваат решителни и покрај повеќедневните протести и полициските интервенции.

Таа посочила дека незадоволството е резултат на тешката станбена ситуација, зголемените трошоци за живот и сè поголемите проблеми со кои се соочуваат луѓето во обидот да обезбедат доволно средства за секојдневните потреби.

„Не забележуваме подготвеност од владата да ги сослуша граѓаните, па затоа протестите ќе продолжат“, порача Силва.

Министерот за внатрешни работи Луиш Невеш изјавил дека владата го почитува правото на протест, но очекува собирите да се одвиваат мирно, уредно и во согласност со законите.

Главното барање на демонстрантите е повлекување на законските измени со кои би се олеснило иселувањето на станарите и би се укинале постојните ограничувања за зголемување на кириите при склучување нови договори.

Според предлогот, сопствениците би можеле да започнат постапка за иселување доколку станарот не плати кирија два месеца, наместо досегашните три. Предвидено е и укинување на ограничувањето од два проценти за зголемување на киријата меѓу последователни договори.

Законот го поминал првото читање во португалскиот парламент. Владејачките партии го поддржале предлогот, додека левичарските партии се спротивставиле. Крајнодесничарската партија „Шега“ била воздржана. Предлогот сега треба да помине низ дополнителни парламентарни расправи и конечно гласање.

Премиерот Луиш Монтенегро во четвртокот ја отфрлил можноста за повлекување на законот, иако најавил дека е подготвен да разговара за можни измени пред конечната одлука, која се очекува во наредните недели.

Владата смета дека новите правила ќе придонесат за поттикнување на пазарот за изнајмување станови. Демонстрантите, пак, предупредуваат дека намалувањето на заштитата на станарите може да предизвика нов бран поскапувања и иселувања.

Во дебатата се вклучи и опозицијата. Лидерот на Социјалистичката партија, Жозе Луиш Карнеиро, ја повика владата да започне преговори со опозициските партии и претставниците на протестното движење.

Тој смета дека станбената криза не може да се реши без дијалог со сите засегнати страни, обвинувајќи ја владата дека наместо преговори, се обидува да ги наметне сопствените ставови.

Покрај повлекувањето на предлог-законот, демонстрантите бараат изградба на повеќе јавни станови, ограничување на кириите и дополнителни мерки за спречување иселувања на луѓе кои немаат обезбедено алтернативно сместување.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО