HomeГЛОБУСТАЧИ ОСУДЕН НА 25 ГОДИНИ ЗАТВОР, ВЕСЕЛИ НА 18, СЕЛИМИ НА 13...

ТАЧИ ОСУДЕН НА 25 ГОДИНИ ЗАТВОР, ВЕСЕЛИ НА 18, СЕЛИМИ НА 13 ГОДИНИ

Специјализираните совети на Косово во Хаг денеска ги изрекоа пресудите против четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор, Јакуп Красниќи на исто толку, Кадри Весели на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор.

Судскиот совет ги прогласи четворицата за кривично одговорни за воени злосторства поврзани со незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и незаконски убиства. Притоа, тие беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото.

Пресудата е првостепена, што значи дека одбраната има право на жалба.

Во образложението судот наведе дека обвинетите, заедно со други лица од раководството на ОВК, придонеле кон остварување на заедничка криминална цел. Според утврденото, мета биле лица кои биле сметани за политички или воени противници, како и лица за кои постоеле сомневања дека соработувале со српските власти. Меѓу погодените групи биле и припадници на малцинствата, вклучително Срби и Роми.

Судот утврдил дека злосторствата опфатиле 14 општини на Косово, како и две области на северот на Албанија.

Во однос на Хашим Тачи, судскиот совет оценил дека тој имал значајна улога во обликувањето и спроведувањето на политиката на раководството на ОВК. Според пресудата, тој поставувал лица од доверба на важни позиции и преку јавни изјави и соопштенија придонесувал кон политиката насочена кон противниците.

Судот утврдил и негова лична вмешаност во одделни случаи, меѓу кои апсење, затворање и испрашување на 13 лица во Ќирез и Бајице, како и случајот со Бехајдин Халаќи. Советот исто така заклучил дека Тачи бил информиран за други апсења и незаконски притвори.

За Кадри Весели било утврдено дека имал значајна улога во разузнавачката структура на ОВК и во идентификувањето на лица кои биле означувани како противници. Според судот, Весели бил вклучен и во одделни злосторства и бил запознаен со други случаи, но не презел мерки за нивно спречување или санкционирање.

За Реџеп Селими судскиот совет утврдил дека поттикнувал и на различни начини учествувал во извршувањето на злосторствата. Било наведено и дека бил запознаен со информации за лица кои биле цел на единици на ОВК.

Јакуп Красниќи, според пресудата, дал значаен придонес во остварувањето на заедничката криминална цел. Судот навел дека преку политички пораки, соопштенија и наредби придонесувал кон поттикнување на дејствија против лицата означени како противници.

Во текот на постапката судот утврдил дека биле убиени 96 лица, додека најмалку 385 луѓе биле незаконски лишени од слобода во периодот од април 1998 до јуни 1999 година. Утврдена е и примена на сурово постапување врз 348 лица, додека 303 биле подложени на мачење.

Сепак, обвинетите не беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото. Судот оцени дека обвинителството не докажало постоење на широко распространет напад врз цивилното население, што е еден од условите за ваква правна квалификација.

Претседавачот со судскиот совет Чарлс Смит Трети нагласи дека постапката не претставува судење на ОВК како организација, ниту пак судот оценува дали борбата за независност на Косово била легитимна. Предмет на постапката биле конкретните обвиненија против четворицата обвинети.

Во Хаг и Приштина пред и за време на изрекувањето на пресудите беа организирани собири на поддржувачи на поранешните лидери на ОВК. Во Приштина граѓани се собираа на централниот плоштад и преку голем екран го следеа изрекувањето на пресудата.

За Хашим Тачи следува и одделна судска постапка поврзана со обвиненија за попречување на правдата и недозволено влијание врз сведоци. Таа постапка не е дел од денешната пресуда за воените злосторства.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО