Современи технологии, вештачка интелигенција и нови модели за спречување на криминалот беа во фокусот на работната посета на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Флорида, САД. За време на престојот, тој учествуваше на меѓународна полициска конференција и оствари средби на кои се разгледувале можностите за модернизација на македонската полиција и зајакнување на соработката со американските безбедносни институции.
Во Орландо, Тошковски присуствуваше на годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP), еден од најголемите меѓународни собири посветени на полициското работење и современите безбедносни предизвици.
Во рамките на настанот, министерот разговарал со Николас Колура, директор на Дипломатската служба за безбедност при Стејт департментот на САД, како и со Рик Смит, основач и извршен директор на технолошката компанија „Аксон“.
Една од темите на средбата со Смит била можноста Македонија да стане регионален демонстрациски центар за технологиите на „Аксон“. Во него би се презентирале современи решенија за полициско работење, вклучително и технологии засновани на вештачка интелигенција, со цел полициските и другите надлежни институции од регионот да се запознаат со нивната практична примена.
Тошковски учествувал и на „Глобалниот самит за иновации“, на покана на шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо. На самитот се дискутирало за користењето вештачка интелигенција, беспилотни летала и антидронски системи за обезбедување јавни простори, критична инфраструктура и заштита на населението.
За време на посетата, министерот го посетил и Полицискиот оддел во Мајами, каде што се запознал со начинот на функционирање на американската полиција и употребата на напредни технолошки алатки. Меѓу нив се системите за видеонадзор, аналитиката на податоци и обработката на информации во реално време, кои можат да помогнат во навремено откривање на закани, подобра координација на полициските екипи и побрзо реагирање при инциденти.
Според Тошковски, размената на искуства со полициските системи во развиените земји е важен дел од процесот на модернизација на македонската полиција. Целта, како што истакнал, е современите технологии да се претворат во конкретни решенија што ќе им користат на граѓаните.
„Нашата цел е искуствата и современите технологии да ги преточиме во практични решенија што ќе овозможат побрза помош за граѓаните во критични ситуации, поефикасно спречување на криминалот и поголема заштита на животот и имотот“, нагласил министерот.
Од МВР посочуваат дека преку меѓународната соработка и примената на нови технолошки решенија ќе продолжат да ги унапредуваат капацитетите на полицијата. Акцентот е ставен на побрзо препознавање на безбедносните ризици, поефикасно спречување на кривичните дела и подобра заштита на граѓаните, со крајна цел создавање побезбедна средина за секојдневниот живот.

