Музиката на познатите босанскохерцеговски рапери Јала Брат и Буба Корели доби ново меѓународно признание. Нивната песна „Bass“ е вклучена во музичката подлога на новата бразилска серија „The Gift of Deceit“, која се емитува на платформата Нетфликс под насловот „Granice pohlepe“.
Серијата е достапна за гледачите од 28 октомври, а информацијата за учеството на босанските музичари ја потврди и нивната издавачка куќа „Империја“.
Од компанијата преку објава на Инстаграм ја споделија веста, објавувајќи графика со натпис „Јала и Буба на Нетфликс“, заедно со официјалниот постер на серијата.
Набргу потоа и гледачите почнаа да објавуваат видеа од сцени во кои се слуша нивната песна. Станува збор за нумерата „Bass“, објавена во декември 2024 година, како дел од албумот „Goat Season: Final Chapter“.
Бразилската продукција е драмска серија составена од десет епизоди, чија приказна се одвива во Рио де Жанеиро. Главниот лик е колекционерката на уметнички дела Луција Росети, која очајнички бара решение за мистериозната болест на својата ќерка Маира.
Откако лекарите не успеваат да ѝ помогнат, таа се обраќа кај духовна терапевтка, но потрагата по спас постепено се претвора во измама. Случувањата откриваат низа скриени тајни поврзани со две семејства.
Правата за користење на музиката во серијата се регулирани преку компанијата „EMDC Publishing“, која е дел од групацијата „EMDC Network“. Со овој ангажман продолжува и меѓународната промоција на музичкиот каталог на нејзините партнери.
Вклучувањето на песната во продукција на Нетфликс претставува уште еден чекор во ширењето на музиката на Јала Брат и Буба Корели надвор од регионалните граници.

