Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беа одбележани 34 години од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија, во пресрет на 18 Август – Денот на Армијата.
На свеченоста беше потсетено на историските корени на македонската воена традиција и формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година.
Командантот на Вториот пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, истакна дека Армијата низ годините се трансформирала во професионална и модерна воена сила, а членството во НАТО од 2020 година донело нови обврски и одговорности.
Припадниците на Армијата досега учествувале во повеќе меѓународни мисии и вежби, но и во помош на населението при природни непогоди и пожари низ земјава.
На свеченоста беше нагласена и потребата од понатамошна модернизација, особено во областите на беспилотните системи, сајбер-безбедноста и современите воени технологии.
По повод Денот на Армијата, беа доделени награди и признанија на офицери и професионални војници.

