Уште еден пациент заразен со западнонилска треска починал во текот на викендот, со што бројот на смртни случаи во земјава се искачи на три, информираат здравствените власти.
Починатиот пациент имал 61 година и страдал од сериозни придружни заболувања, а потекнувал од едно од подрачјата каде што е регистрирана појава на вирусот.
Досега лабораториски се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека за уште три лица се вршат дополнителни испитувања.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти. Шестмина од нив се во критична состојба и се наоѓаат на одделот за интензивна нега.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, предупреди дека инфекцијата не ги погодува само постарите лица. Најмладиот пациент со невроинвазивна форма на заболувањето кој моментално е хоспитализиран има 25 години. Неговата состојба е стабилна и се лекува на Одделот за невроинфекција.
Невроинвазивната форма се јавува кај мал процент од заразените, но може да биде сериозна и да предизвика висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, дезориентираност и конфузност.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека сите инфективни оддели и матичните лекари се запознаени со состојбата и со мерките за препознавање и третман на потенцијалните случаи.
Особено внимание се посветува на утврдувањето каде пациентите најверојатно биле заразени. Според Клековски, не секогаш местото на живеење е и местото каде што дошло до инфекцијата, бидејќи дел од граѓаните престојуваат во викендички или патуваат во други места.
Инкубацијата на вирусот трае од три до 14 дена, поради што при епидемиолошките истражувања се проверува движењето на пациентите во периодот пред појавата на симптомите.
Главната препорака до граѓаните останува заштитата од убоди од комарци и отстранувањето на застоената вода околу домовите.
Во погодените подрачја се засилуваат активностите за контрола на комарците. Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредни проверки во сите општини од Скопскиот Регион во однос на спроведувањето на мерките за прскање.
Во следниот период фокусот ќе биде ставен на таргетирано прскање од земја, додека авионското прскање ќе се спроведува согласно утврдените планови.
Надлежните институции работат и на мапирање на пациентите и на потенцијалните места со стоечка вода. Според Клековски, идентификувани се повеќе водени површини во засегнатите подрачја, вклучително и места кои се користат за рекреација.
Август и септември се период во кој традиционално се бележи поголема активност на ваквите инфекции, поради што здравствените власти апелираат на зголемена внимателност.
Покрај комарците, во ширењето на вирусот учествуваат и дивите птици. Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат граѓаните да пријават доколку забележат угината птица.
Досега е пријавена угината птица во Гостивар, но анализите не покажале присуство на вирусот на Западен Нил. Во погодените подрачја се најавени и дополнителни контроли на живината, особено онаа која се одгледува на отворено и во близина на канали за наводнување.

