Граѓаните оваа сабота ќе можат бесплатно да ги посетат кањонот Матка и пештерата Врело, во рамки на организирана туристичка тура што ја најави Град Скопје.
Заинтересираните ќе имаат на располагање бесплатен автобуски превоз и професионален туристички водич, кој ќе ги запознае со природните знаменитости и особености на овој дел од скопскиот регион.
Од Град Скопје велат дека иницијативата има цел да им овозможи на граѓаните полесно да ги запознаат природните богатства на градот, но и да ја подигне свеста за нивното значење и зачувување.
Дополнителен повод за организирање на посетата е и неодамнешниот истражувачки подвиг во пештерата Врело, која заедно со кањонот Матка претставува едно од најзначајните природни обележја на Скопје.
Разгледот ќе го води претставник на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.
Поаѓањето е закажано за сабота во 10 часот, од Порта „Македонија“. Граѓаните кои сакаат да бидат дел од турата треба да се пријават на телефонскиот број 072 213 692.
Од Градот ги повикуваат скопјани да ја искористат можноста и бесплатно да ги откријат природните убавини на Матка и пештерата Врело.

