Криптоберзата Binance уверува дека нејзината финансиска стабилност не е загрозена по масовниот хакерски напад во кој биле украдени криптовалути во вредност од 6,3 милијарди долари. Извршниот директор Ричард Тенг најави дека наскоро ќе биде објавена детална анализа за инцидентот.
На конференцијата „Hong Kong Fintech Week“, Тенг изјави дека приливите и одливите на средства постепено се нормализираат и дека досега се надоместени 95 проценти од погодените токени. За покривање на загубите биле искористени средствата од фондот за заштита на корисниците SAFU, како и други претходно резервирани корпоративни средства.
За преостанатите пет проценти, кои се однесуваат на помалку ликвидни криптовалути, компанијата соработува со специјализирани посредници за да ги обезбеди потребните средства.
Од Binance соопштија дека корисниците до понеделник повлекле нето 4,72 милијарди долари, што претставува околу три проценти од вкупниот имот на платформата. Според аналитичарите, одливот засега е релативно ограничен во однос на големината на берзата.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја обвини Северна Кореја дека стои зад кражбата, но Пјонгјанг ги отфрли обвинувањата. Податоците од блокчејнот покажуваат дека најголемиот дел од нападот бил извршен во период од само 20 минути.
Тенг порача дека компанијата ја презема одговорноста за инцидентот и дека средствата на корисниците се безбедни. Binance тврди дека има повеќе од 335 милиони корисници ширум светот, со просечен дневен обем на тргување со криптовалути и финансиски деривати од околу 95 милијарди долари.

