HomeМКДВМРО ДПМНЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА КОМПРОМИС

ВМРО ДПМНЕ Е ПОДГОТВЕНА ЗА КОМПРОМИС

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики кон СДСМ, Левица и ДУИ, обвинувајќи ги дека со своите постапки го одолговлекуваат донесувањето на новиот Изборен законик и ја попречуваат реализацијата на една од клучните реформски обврски на државата.

Од партијата оценуваат дека политичкиот консензус за законските измени се градел со месеци во рамки на работната група, но дека во завршната фаза опозициските партии, наместо да придонесат за договор, започнале да поставуваат нови услови и да го блокираат процесот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, различните барања што ги изнесуваат СДСМ, Левица и ДУИ имаат иста цел – пролонгирање на усвојувањето на Изборниот законик. Од владејачката партија тврдат дека Левица се обидува да се претстави како бескомпромисна пред своите гласачи, СДСМ, како што велат, ја забавува постапката со голем број амандмани, додека ДУИ инсистира на измени во начинот на одлучување во Државната изборна комисија.

Во партиското соопштение се наведува дека зад ваквото однесување стои страв од изборен пораз, а блокирањето на законот, според нив, претставува обид однапред да се создаде оправдување за евентуален неуспех на следните избори.

ВМРО-ДПМНЕ повторно порача дека е подготвена за компромис околу прашањето за гласањето на македонските државјани кои живеат во странство. Од партијата ги повикаа опозициските субјекти најнапред да изградат заеднички став, уверувајќи дека ќе го прифатат секој предлог што ќе биде заеднички усогласен, доколку тој овозможи полесно и поефикасно остварување на избирачкото право на дијаспората.

„Нека се договорат меѓу себе и нека излезат со заедничко решение. Доколку тоа значи полесен пристап на дијаспората до гласањето, ние сме подготвени да го поддржиме“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија истовремено обвинуваат дека опозицијата во преден план ги става партиските интереси наместо интересите на граѓаните кои живеат надвор од земјата.

Во меѓувреме, од Левица вчера најавија иницијатива за нова средба на опозициските партии. Според нивните најави, официјалната покана до останатите опозициски субјекти ќе биде испратена во понеделник, со цел да се усогласат ставовите околу спорните прашања од Изборниот законик.

Последниот обид за постигнување политички договор во Собранието заврши без резултат. Како главна точка на несогласување повторно се наметна моделот според кој би гласале македонските државјани во дијаспората, прашање што останува една од најголемите пречки за усвојување на новото законско решение.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО