„Фолксваген Голф“ е прогласен за најпопуларен користен автомобил во Велика Британија во последната деценија, покажува истражување на автомобилската платформа CarGurus.
Истражувањето било спроведено по повод десетгодишното присуство на компанијата на британскиот пазар, а во него учествувале 1.000 возачи постари од 27 години. Тие биле прашани за промените во нивните навики и приоритети при купување користени автомобили од 2016 година наваму.
Голфот се најде на првото место, пред BMW X3 и Audi Q3. Во првите пет се пласираа и Audi A3 и Vauxhall Astra, односно моделот познат како Opel Astra на повеќето европски пазари.
Кога станува збор за каросеријата, хечбекот останува најпопуларен избор, за кој се определиле 28 отсто од испитаниците. Средните SUV-модели добиле 21 отсто од гласовите, додека малите SUV возила биле избор на 15 отсто од возачите. Од друга страна, интересот за моноволумените значително опаднал во последните десет години.
Од CarGurus посочуваат дека Голфот со години се издвојува по комбинацијата од практичност, сигурност, изглед и прифатливи трошоци, што се дел од причините поради кои останува омилен меѓу купувачите на користени автомобили.
Истражувањето покажало и дека технологијата и безбедноста имаат сè поголемо значење при изборот на автомобил. Камерите со приказ од 360 степени биле најпосакуваната технолошка опрема, а ги избрале 30 отсто од испитаниците. Системите за помош при паркирање биле важни за 28 отсто, додека 25 отсто особено ја ценат можноста за влез во возилото без клуч и стартување со копче.
Помал интерес има за управување со гестови и ажурирања на софтверот преку интернет.
Иако новите технологии стануваат сè поважни, сигурноста и трошоците за одржување и понатаму се на врвот на листата при купување користен автомобил. Дури 60 отсто од возачите ја посочиле сигурноста како важен фактор, додека 54 отсто ги издвоиле трошоците за одржување.
Во споредба со 2016 година, 70 отсто од испитаниците денес посветуваат поголемо внимание на безбедносната опрема, 66 отсто повеќе ја ценат современата технологија, а 61 отсто се почувствителни на емисиите и влијанието на автомобилите врз животната средина.
Резултатите покажуваат дека, и покрај промените во автомобилската индустрија, купувачите на користени возила сè уште најмногу бараат комбинација од сигурност, практичност и разумни трошоци, а „Фолксваген Голф“ очигледно и понатаму добро се вклопува во тие критериуми.

