HomeМКДЕкономијаГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ ДОЛЖАТ РЕЧИСИ 10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, СТАНБЕНИТЕ КРЕДИТИ РАСТАТ ЗА...

ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ ДОЛЖАТ РЕЧИСИ 10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, СТАНБЕНИТЕ КРЕДИТИ РАСТАТ ЗА 16,1%

Задолженоста на домаќинствата и компаниите во земјава продолжува да расте, а вкупните обврски кон банките на крајот на септември достигнале речиси 9,87 милијарди евра. Истовремено, депозитите на граѓаните и фирмите изнесувале 11,15 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Од вкупниот износ на кредитите, граѓаните должат 4,93 милијарди евра, додека долгот на компаниите достигнува 4,90 милијарди евра. Кај депозитите, најголем дел се на физичките лица, чии заштеди во банките изнесуваат 7,50 милијарди евра.

Само во текот на септември, вкупните кредити на домаќинствата и компаниите пораснале за 1,3 проценти. Споредено со истиот месец минатата година, задолженоста е зголемена за 14,1 процент. Притоа, кредитите на компаниите бележат годишен раст од 15,7 проценти, а оние на домаќинствата се зголемиле за 12,7 проценти.

Кај граѓаните, најизразено е задолжувањето преку станбените и потрошувачките кредити. Во септември, потрошувачките кредити пораснале за 1,1 процент на месечно ниво, додека станбените се зголемиле за 1,5 проценти. На годишна основа, растот кај потрошувачките кредити изнесува 12,4 проценти, а кај станбените достигнува 16,1 процент.

За разлика од нив, автомобилските кредити бележат намалување. Во споредба со август, тие се пониски за 1,8 проценти, а на годишно ниво падот изнесува 0,4 проценти. Кредитите преку кредитни картички, пак, во септември пораснале за 0,8 проценти, но во споредба со истиот период лани се намалени за 2,6 проценти.

Дополнителен показател за финансиското оптоварување на дел од домаќинствата е растот на негативните салда на тековните сметки. Тие во септември се зголемиле за 5,8 проценти во однос на претходниот месец, додека годишниот раст достигнува 4,9 проценти.

Кредитите одобрени за други намени бележат пад од 1,3 проценти на месечно ниво и 10,4 проценти на годишно ниво.

Растот на задолженоста на домаќинствата, особено кај станбените кредити, е една од причините поради кои Народната банка најави нови мерки што треба да почнат да се применуваат од 1 декември годинава.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО