Иран денеска ги започна повеќедневните државни церемонии за испраќање на поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, чие тело е изложено во Техеран пред почетокот на погребната поворка што ќе трае речиси една недела. Властите очекуваат милиони граѓани да присуствуваат на церемониите, кои се сметаат за едни од најголемите во поновата историја на земјата.
Ковчегот на Хамнеи е поставен во големата молитвена сала „Мосала“ во Техеран, каде илјадници луѓе од раните утрински часови пристигнуваат за да му оддадат последна почит. На церемонијата присуствуваат високи ирански функционери, верски лидери и делегации од повеќе земји, додека безбедносните мерки се на највисоко ниво поради стравувањата од можни инциденти.
Според официјалниот распоред, погребните церемонии ќе продолжат во неколку свети градови во Иран и Ирак, меѓу кои Ком, Наџаф и Кербала, а погребот ќе заврши на 9 јули во Машхад, каде Хамнеи ќе биде погребан во светилиштето на имамот Реза – едно од најзначајните шиитски светилишта.
Иранските власти најавија дека церемониите ќе бидат симбол на национално единство во период кога земјата се соочува со сериозни политички и безбедносни предизвици по војната со САД и Израел. Во меѓувреме, вниманието е насочено и кон новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи, кој, според медиумските извештаи, најверојатно нема јавно да се појави на погребот поради безбедносни причини.
Очекувањата на иранските власти се дека милиони верници ќе учествуваат во повеќедневните церемонии, што би можело да претставува едно од најмасовните државни собири во историјата на Исламската Република.

