Јан Диоманде, новото засилување на Реал Мадрид од Брегот на Слоновата Коска, го даде првото интервју по пристигнувањето во „кралскиот клуб“. Неговиот трансфер, со вклучени бонуси, би можел да достигне вредност од 140 милиони евра, а младиот фудбалер откри детали за својот голем трансфер, односот со тренерот Жозе Мурињо, своите идоли и патот до еден од најголемите клубови во светот.
Диоманде призна дека доаѓањето на „Сантијаго Бернабеу“ е остварување на неговиот детски сон.
„Ова е мојот нов дом. Среќен сум што сум тука и што сум дел од тимот. Долго го чекав ова, сонот ми се оствари. Едвај чекам да го постигнам првиот гол“, изјави Диоманде.
Фудбалерот откри дека за интересот на Реал Мадрид дознал по разговор со клупскиот директор Хуни Калафат, а потоа и со Мурињо. Особено се изненадил кога сфатил дека португалскиот тренер зборува француски.
„Беше пет часот наутро во Португалија кога ми се јави. Ми кажа дека е важно да разговараме. Му одговорив: Зошто да не? Тоа е Мадрид, а Мадрид не се одбива. Му кажав дека доаѓам ако ме сака. Тој ми е и пријател и шеф“, раскажа Диоманде.
Неговиот пат до Реал Мадрид е особено интересен. Првиот професионален натпревар го одиграл токму против мадридскиот гигант, а тогаш разменил дрес со Килијан Мбапе. Денес двајцата се соиграчи во „кралскиот клуб“.
„Разменив дрес со Мбапе. Денес сме соиграчи. Тоа е лудо, неверојатно“, рече Диоманде.
Тој не го заборава ниту Леганес, клубот кој му ја даде првата можност да се докаже во европскиот фудбал.
„Никогаш нема да го заборавам Леганес бидејќи тоа беше клубот кој прв ми даде можност да покажам што знам. Благодарен сум им за сè“, истакна фудбалерот.
Диоманде како дете им се восхитувал на легендите на Брегот на Слоновата Коска, Јаја Туре и Дидие Дрогба. Со Дрогба неодамна разговарал, а легендарниот напаѓач му порачал дека Мурињо е како татко и дека мора да продолжи напорно да работи.
Сепак, најголем идол на Диоманде е Кристијано Роналдо, чија кариера во Реал Мадрид оставила голем впечаток врз него.
„Сите знаат дека тој е мојот идол, и сè уште е. Лудо е што денес играм за Мадрид. Понекогаш на тренинг ја гледам мојата стара фотографија во дрес со неговото име. Горд сум што сум во клубот во кој играл мојот идол. Тоа е сон“, изјави Диоманде.
И покрај огромната вредност на трансферот и големите очекувања, младиот фудбалер вели дека не чувствува притисок.
„Платиле многу пари и очекувањата се големи, но јас немам притисок. Платиле толку затоа што веруваат во мене. Зошто би се плашел? Ќе го правам она што можам на теренот, ќе го контролирам она што е во моја моќ, а Бог ќе го направи останатото“, порача тој.
Диоманде зборуваше и за својата покојна сестра, која била негов голем мотив во текот на кариерата.
„Таа секогаш ме поттикнуваше да не се откажувам. Верувам дека ќе биде среќна ако успеам да го остварам својот сон“, заклучи новото засилување на Реал Мадрид.

