Независното судство, професионалното обвинителство и институциите што одговараат за својата работа се клучни за функционирањето на правната држава и враќањето на довербата кај граѓаните. Ова е пораката на министерот за правда Јетон Шасивари по повод 25 Октомври – Европскиот ден на правдата.
Во своето обраќање, Шасивари посочи дека правдата не е само принцип врз кој се темели правниот поредок, туку и гаранција за слободата, достоинството и еднаквоста на секој човек. Според него, начинот на кој функционираат правосудните институции е еден од показателите за нивната зрелост и одговорност.
Министерот нагласи дека без судии кои одлучуваат независно, обвинителство кое работи професионално и институции што постапуваат одговорно, не може да има правна сигурност, еднаков третман пред законот и вистинска доверба во системот.
Тој посочи дека целта е да се изгради правосудство во кое законот ќе има предност пред секој поединечен интерес, а правдата нема да зависи од политичка, економска или друга моќ. Секој граѓанин, како што истакна, треба да има еднаква можност да ги заштити своите права и да добие правично постапување.
Според Шасивари, на државата ѝ се потребни независни и непристрасни судови што ќе одлучуваат во разумни рокови, професионално обвинителство што ќе постапува без селективност и институции кои довербата ќе ја оправдуваат преку конкретни резултати, интегритет и одговорност.
Тој нагласи и дека напредокот во реформите не треба да се мери единствено преку донесените закони и усвоените документи. Вистинската промена, според него, треба да се почувствува во секојдневниот живот на граѓаните, преку побрзи постапки, поквалитетни судски одлуки, поголема правна сигурност и доследна примена на законите за сите.
Осврнувајќи се на европската перспектива на земјата, министерот порача дека приближувањето кон европските стандарди бара доследно спроведување на реформите и одговорност на сите институции, без исклучоци.
„Довербата во правдата не се бара – таа се заслужува. Не со декларации, туку со дела. Не со ветувања, туку со резултати“, порача Шасивари, честитајќи го Европскиот ден на правдата.

