HomeМКДДОДЕКА ДРУГИТЕ ОДАТ НАПРЕД, МАКЕДОНИЈА СТОИ ВО МЕСТО

ДОДЕКА ДРУГИТЕ ОДАТ НАПРЕД, МАКЕДОНИЈА СТОИ ВО МЕСТО

Македонија не смее уште еднаш да дозволи годините да поминуваат без суштински промени и без напредок кон Европската Унија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, говорејќи на свечениот настан посветен на 35-годишнината од независноста на државата.

Според Филипче, најголемиот проблем не е само тоа што Македонија во моментов не напредува со посакуваната динамика, туку што секоја година помината без реформи остава последици врз иднината на граѓаните, особено врз младите генерации.

„Најскапото нешто во еден човечки живот е изгубеното време“, порача Филипче, оценувајќи дека земјата веќе предолго се наоѓа во состојба на политички застој.

Како аргумент за своите тврдења, тој ја посочи разликата во динамиката на европските интеграции меѓу Македонија и соседните земји. Според него, Албанија веќе ги отвори сите свои преговарачки поглавја, а започна и со нивно затворање, додека Црна Гора продолжува да отвора и затвора поглавја во преговорите.

Филипче оцени дека Македонија, која во минатото беше меѓу лидерите во регионот на патот кон ЕУ, сега ризикува да остане зад своите соседи.

Тој порача дека политичките пораки за наводен напредок не можат да го заменат реалниот резултат и дека граѓаните на крајот можат да направат јасна разлика меѓу држава која се движи напред и држава која стагнира.

Лидерот на СДСМ упати критики и кон актуелната власт, обвинувајќи ја дека во изминатиот период најавувала промена на условите и подобрување на позицијата на Македонија во преговорите со ЕУ, но без конкретен исход.

Според него, европскиот пат не треба да се сведува на политички декларации или на дневнополитички пораки, туку на спроведување на реформи кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните.

Филипче нагласи дека членството во Европската Унија не е цел само по себе, туку процес преку кој треба да се создаде подобра држава. Тој ги поврза реформите со независно судство, професионална администрација, подобра инфраструктура, почиста животна средина, побезбедна храна и посилна економија.

Посочи и дека напредокот кон ЕУ отвора можности за користење повеќе европски средства за образование, инфраструктура, енергетика и дигитализација.

„Реформа, резултат, средства, подобар живот“, порача Филипче, нагласувајќи дека граѓаните треба да ги почувствуваат резултатите од европскиот процес во секојдневниот живот.

Тој оцени дека Македонија повеќе нема простор за дополнителни одложувања и политички изговори и дека актуелната генерација има обврска да го продолжи процесот што започна со осамостојувањето на државата.

Во своето обраќање Филипче се осврна и на начинот на кој се одбележува независноста, нагласувајќи дека вистинската вредност на државноста не се мери само преку свечености и симболични одбележувања.

Според него, независноста треба да значи функционални институции, подобар животен стандард, праведно општество, сигурност и перспектива за младите.

Филипче порача дека иднината на земјата не смее повторно да биде одложувана за некоја следна генерација.

„Пред 35 години граѓаните ја избраа независноста. Денес наша задача е таа независност да има вистинска содржина – подобар живот, праведно општество, функционална држава, сигурна иднина и европска Македонија“, порача претседателот на СДСМ.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО