HomeГЛОБУСДОЈАВА ЗА БОМБА ВО АВИОН НА „ВИЗ ЕР“, СРПСКИ ЛОВЦИ ГО ПРАТЕЛЕ...

ДОЈАВА ЗА БОМБА ВО АВИОН НА „ВИЗ ЕР“, СРПСКИ ЛОВЦИ ГО ПРАТЕЛЕ ДО БУГАРСКАТА ГРАНИЦА

Два борбени авиони на Војската на Србија биле испратени да пресретнат патнички авион на „Виз ер“, кој летал од Брисел кон Софија, откако била добиена дојава дека во леталото наводно има поставено експлозивна направа.

Според соопштението на српското Министерство за одбрана, воените авиони го идентификувале и го следеле патничкиот авион сè до границата со Бугарија. Интервенцијата била активирана по известување од Контролата на летање на Србија и Црна Гора (СМАТСА).

Поради сериозноста на дојавата, во највисок степен на готовност биле ставени и дел од единиците за противвоздушна одбрана, како и силите за пребарување и спасување.

Летот W64328 безбедно слетал во Софија, каде што бугарските надлежни служби извршиле проверка на авионот. При прегледот не била пронајдена експлозивна направа. Претходно, истиот лет бил следен и од унгарски борбени авиони додека се наоѓал во унгарскиот воздушен простор.

Инцидентот предизвикал вознемиреност и кај жителите на Шумадија, кои околу 10:30 часот слушнале силен звук сличен на експлозија. Српското Министерство за одбрана подоцна објаснило дека станувало збор за звук предизвикан од воените авиони при пробивање на звучната бариера за време на интервенцијата.

Од Министерството им се извиниле на граѓаните за вознемирувањето, посочувајќи дека во вакви ситуации борбените авиони мора да реагираат во најкраток можен рок.

Дојавата доаѓа во период кога повеќе европски летови се соочуваат со закани за поставени бомби. Засега не е утврдено кој стои зад последната закана за авионот на „Виз ер“.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО