Русија ќе го ограничи извозот на вештачки ѓубрива во периодот од декември годинава до мај следната година, со цел да обезбеди доволни количини за потребите на домашното земјоделство. Според владината одлука, руските производители и извозници во овој период ќе можат да пласираат на странските пазари вкупно 18,8 милиони тони ѓубрива.
Од дозволената количина, 11,3 милиони тони се однесуваат на азотни ѓубрива, додека преостанатите 7,5 милиони тони се комплексни производи.
Новата квота е пониска од ограничувањето што важеше во претходниот период, од јуни до ноември, кога беше дозволен извоз на 20 милиони тони. Во периодот од декември минатата до крајот на мај годинава, ограничувањето изнесуваше 18,7 милиони тони.
Русија е еден од најголемите светски производители на минерални ѓубрива, со удел од над 20 проценти во глобалното производство. Нејзиното значење на меѓународниот пазар се гледа и преку податоците на Европската комисија, според кои во текот на минатата година руските производи учествувале со 22 проценти во увозот на вештачки ѓубрива во Европската Унија.
Во текот на 2025 година, Русија извезла околу 43 милиони тони минерални ѓубрива, со вкупна вредност поголема од 11 милијарди долари. Само во првите три месеци од годинава биле извезени 9,6 милиони тони, а вредноста на испораките достигнала 3,6 милијарди долари, што претставува раст од 16 проценти во споредба со истиот период претходната година.
Меѓу најголемите купувачи на руските ѓубрива се Бразил и Индија.
Покрај ограничувањето на извозот, руските власти во септември воведоа и забрана за извоз на сулфурна киселина до крајот на годината, со намера да обезбедат суровини за домашната индустрија за производство на ѓубрива.
Глобалниот пазар во меѓувреме се соочува со дополнителни притисоци поради нарушувањата во снабдувањето поврзани со конфликтот меѓу САД, Израел и Иран и затворањето на Ормускиот Теснец. Преку овој поморски коридор вообичаено се одвива значителен дел од светската трговија со уреа, па секое нарушување на транспортот може да влијае врз цените и достапноста на ѓубривата.

