Драматични сцени се одвивале во кабината на авионот на „Флајдубаи“ кој летал кон Израел, откако копилотот, според информациите на властите во Обединетите Арапски Емирати, наводно се обидел насилно да ја преземе контролата врз леталото.
Главниот обвинител на ОАЕ денеска изјави дека инцидентот се истражува како обид за „терористички“ напад. Според досега објавените информации, копилотот во пилотската кабина го нападнал капетанот со противпожарната секира која се наоѓа во авионот за итни ситуации.
Осомничениот е идентификуван како Хамам ал-Хамами, државјанин на Оман, иако властите на ОАЕ засега официјално не го потврдиле неговиот идентитет.
Инцидентот се случил во средата за време на летот FZ1073. Во авионот имало повеќе од 170 патници и членови на екипажот, а ситуацијата била ставена под контрола откако патници и членови на екипажот успеале да го совладаат копилотот.
Контролата врз авионот потоа ја презел резервен пилот кој патувал како патник. Леталото безбедно слетало на аеродромот во Табук, на северозападот на Саудиска Арабија, каде што осомничениот бил приведен од саудиските власти.
Од „Флајдубаи“ соопштиле дека истрагата за инцидентот е во тек и дека авиокомпанијата во овој момент не може да даде дополнителни детали.
Обвинителството на ОАЕ најави дека ќе ги испитува мотивите за нападот, можните лица или организации поврзани со осомничениот, како и материјалните и дигиталните докази собрани во истрагата.
Во случајот се вклучени и израелски истражители. Израелски претставник претходно изјавил дека тие ќе соработуваат со властите во ОАЕ во утврдувањето на мотивите и минатото на осомничениот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се проверува и можноста копилотот да постапувал по нечии инструкции. Тој исто така најави остар одговор доколку се утврди дека во инцидентот биле вмешани и други лица.
Нетанјаху претходно изјавил дека постојат сомневања оти осомничениот бил под влијание на радикална исламистичка идеологија и дека можеби имал самоубиствени намери, но нагласи дека мотивот во оваа фаза сè уште не е конечен.
Дополнително внимание предизвикале и податоците за движењето на авионот. Според сервисот Flightradar24, додека летал над Саудиска Арабија, авионот за нешто повеќе од половина минута нагло се спуштил околу 5.000 метри.
Истрагата треба да даде одговор што точно се случувало во кабината, зошто дошло до нападот и дали осомничениот дејствувал сам или имал помош или инструкции од други лица.

