Наместо побрзо да создава услови за премин кон електричен транспорт, државата и понатаму дозволува граѓаните да зависат од скапите фосилни горива, обвинува Демократската обнова на Македонија (ДОМ).
Од партијата велат дека проблемот е уште поголем ако се земе предвид загадувањето во македонските градови. Според нив, додека цените на горивата се високи, развојот на инфраструктурата за електрични автомобили се соочува со бројни административни и законски пречки.
Од ДОМ посочуваат дека приватни компании добиваат можност да инвестираат во големи соларни централи и ветропаркови користејќи природни ресурси како сонцето, ветерот и државното земјиште, но сметаат дека граѓаните не добиваат доволно директна корист од таквите инвестиции.
Партијата предлага инвеститорите во големи обновливи енергетски проекти да имаат законска обврска да придонесуваат и во развојот на јавната инфраструктура за полнење електрични возила. Идејата е дел од произведената електрична енергија индиректно да се поврзе со изградба и одржување на јавни полначи достапни за граѓаните.
ДОМ бара и промени во енергетското законодавство со кои би се овозможила подиректна продажба на електрична енергија за потребите на станиците за полнење. Од партијата сметаат дека сегашниот модел создава непотребни правни и административни компликации.
Дополнително, предлагаат ревизија на мрежните правила и воведување поедноставни процедури за поставување полначи, особено во урбаните средини. Според нив, инвеститорите и операторите треба да добијат побрз пристап до електроенергетската мрежа и појасни услови за приклучување.
Како уште една мерка, ДОМ предлага формирање фонд за електрификација преку кој средствата собрани од еколошки такси би се насочувале кон изградба на јавна мрежа за полнење и поттикнување на набавката на електрични возила.
Од партијата оценуваат дека зелената транзиција не треба да се сведе само на инвестиции од кои најголема корист ќе имаат големите компании. Тие бараат државната политика да биде насочена кон намалување на трошоците за граѓаните, подобрување на квалитетот на воздухот и забрзување на преминот кон почист транспорт.

