Измените на Изборниот законик сè уште не се усогласени меѓу политичките партии и процесот останува во преговарачка фаза, потврди денеска вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.
Сали не даде конкретен одговор дали по прекинот на разговорите повторно се одржуваат средби меѓу власта и опозицијата, но посочи дека по назначувањето на новиот министер за правда се прават напори процесот да продолжи.
Според него, за измените претходно постоела поширока политичка согласност, но во завршницата две политички партии се повлекле и не дале поддршка за предлогот.
Прашањето за законските измени е повторно актуелизирано и во Собранието. Претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, вчера информираше дека на координативната средба на пратеничките групи претставникот на Левица го отворил прашањето за Изборниот законик, особено во контекст на ставовите за можни предвремени парламентарни избори.
Гаши оцени дека е потребно политичките чинители повторно да седнат на маса и да се обидат да постигнат договор. Тој посочи дека собраниската работна група и координаторите би можеле да ги продолжат разговорите доколку постои политичка волја.
Паралелно со Изборниот законик, Владата работи и на измени на Кривичниот законик, за кој рокот е до декември годинава и кој е дел од реформските очекувања во процесот на европска интеграција.
Сали уверува дека новиот министер за правда е ангажиран и на ова прашање, но нагласи дека станува збор за закони за кои е потребна поширока политичка поддршка.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски вчера порача дека Владата очекува опозицијата најпрво да постигне заеднички став за Изборниот законик. Тој ги повика СДСМ, Левица и ДУИ да усогласат позиција, по што, како што рече, власта е подготвена да разговара за можно решение.
Засега останува неизвесно кога би можеле да продолжат разговорите меѓу парламентарните партии и дали ќе биде постигнат консензус за измените на Изборниот законик.

