Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на состојбата на граничниот премин Табановце, каде што, според партијата, патници и иселеници се соочуваат со долги колони и повеќечасовно чекање при високи температури.
Од ДУИ велат дека снимките од граничниот премин, на кои се гледаат голем број патници кои чекаат во тешки услови, се неприфатливи и загрижувачки. Партијата бара надлежните институции итно да преземат мерки за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници.
„Нашата дијаспора не заслужува малтретирање, понижувачко чекање и третман со кој се нарушува човековото достоинство“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата потсетуваат дека дијаспората со години има значаен придонес за македонската економија и оценуваат дека институциите мора да обезбедат поефикасно функционирање на граничните премини, особено во текот на летната сезона, кога бројот на патници значително се зголемува.
ДУИ посочува дека не го оспорува спроведувањето на законите и почитувањето на сообраќајните правила, но смета дека законските процедури мора да се спроведуваат ефикасно и без непотребно долго задржување на граѓаните.
Од опозициската партија политичка одговорност ѝ припишуваат и на коалицијата ВЛЕН, која е дел од Владата, посочувајќи дека институциите мора да покажат поголема организираност.
„ВЛЕН е дел од оваа Влада и сноси одговорност за начинот на кој граѓаните се третираат во државните институции. Молкот пред снимките од Табановце е непростлив“, велат од ДУИ.
Партијата бара од Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни институции веднаш да преземат конкретни мерки за намалување на чекањето и обезбедување достоинствени услови за сите патници.
„Дијаспората заслужува почит, а не малтретирање“, порачаа од ДУИ.
ПРЕВЗЕМЕНО ОД : https://glagolica.mk/makedonija/dui-vlen-ja-maltretira-dijasporata-na-tabanovce-instituciite-mora-da-reagiraat/

