Силен земјотрес го погоди департманот Ајакучо во Перу, при што силното тресење било почувствувано во повеќе делови од земјата.
Според податоците на американскиот Геолошки институт (USGS), земјотресот бил со магнитуда 6,7 степени, а епицентарот бил регистриран на околу 38 километри северозападно од градот Упахуачо.
Перуанскиот Геофизички институт, пак, го проценил земјотресот на 7,2 степени, со епицентар на околу 35 километри северно од Коракора, на длабочина од 108 километри.
Од Националниот оперативен центар за итни случаи соопштиле дека земјотресот бил почувствуван како умерен до силен во неколку департмани.
Тресењето предизвикало вознемиреност кај населението, но засега нема информации за сериозни последици од самиот потрес. Надлежните служби ја следат состојбата и ја проценуваат евентуалната материјална штета.
Во меѓувреме, перуанската морнарица соопшти дека нема опасност од цунами долж перуанскиот брег.
Перу се наоѓа во еден од најактивните сеизмички региони во светот, поради што земјотресите се честа појава. Надлежните ги повикуваат граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните информации.

