Министрите за одбрана на Франција, Германија, Италија, Полска и Велика Британија денеска се состануваат во Париз, каде што ќе разговараат за продолжување на воената поддршка за Украина, зајакнување на европската одбрана и безбедносната состојба на Блискиот Исток, објави агенцијата ДПА.
На состанокот на групата Е5, во која членуваат пет големи европски сили, главна тема ќе биде понатамошната воена помош за Киев, соопшти француското Министерство за одбрана. На дел од разговорите ќе учествуваат и претставници на НАТО и Европската Унија, додека украинскиот министер за одбрана се очекува да се вклучи преку видеоврска.
Покрај актуелните случувања на бојното поле, министрите ќе разгледуваат и начини за обезбедување долгорочна поддршка за Украина, која продолжува да се брани од руската инвазија.
Европските земји и претходно ја потврдија намерата да продолжат со помошта за Киев. На состанокот во Берлин во јуни, петте држави се договорија да ја задржат поддршката за Украина, со цел да испратат порака дека Европа останува ангажирана во одбраната на земјата.
На дневен ред ќе биде и зајакнувањето на европскиот придонес во рамките на НАТО. На претходните разговори, земјите од групата Е5 се заложија за посилен европски столб во Алијансата, при што зголемувањето на средствата за одбрана треба да придонесе за порамномерна распределба на одговорностите меѓу европските сојузници и САД.
Средбата во Париз доаѓа во време кога европските држави разгледуваат како да ја одржат воената поддршка за Украина и истовремено да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети во услови на пошироки меѓународни безбедносни предизвици.

