Со приближувањето на почетокот на грејната сезона, ЕСМ Дистрибуција на топлина веќе започна со проверки на системот за централно греење во Скопје. Во периодот пред пуштањето на греењето, низ мрежата се врши таканаречена „ладна“ циркулација, со која се проверува состојбата на дистрибутивните цевководи и топлинските потстаници.
Проверките ќе продолжат секој работен ден до 30 септември, од 9 до 14 часот. Од ЕСМ воедно ги потсетуваат корисниците дека одржувањето на внатрешната грејна инсталација во домовите е нивна обврска.
Граѓаните кои во текот на летото вршеле поправки, менувале радијатори, вентили или други делови од системот треба навреме да проверат дали инсталацијата е исправна. По завршувањето на интервенциите, промените треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Посебно внимание треба да обрнат оние што реновирале станови или интервенирале на грејната инсталација. Доколку поради работите водата била испуштена од системот, потребно е тоа да се пријави за повторно полнење.
Пред почетокот на сезоната се препорачува да се проверат радијаторите и вентилите, како и да се утврди дали има протекување или други проблеми со инсталацијата. Навремената проверка може да спречи дефекти токму во периодот кога ќе започнат пониските температури.
Според правилата за снабдување со топлинска енергија, грејната сезона 2026/2027 официјално започнува на 15 октомври. Сепак, доколку временската прогноза покаже дека средната надворешна температура за наредниот ден ќе биде 12 степени или пониска, греењето може да започне и порано, односно од 1 октомври.
Во текот на грејната сезона, снабдувачот треба да обезбеди температура од 20±1 степен Целзиусов во просториите што се загреваат, во периодот од 6 до 22 часот, под услов радијаторските вентили да се целосно отворени и внатрешната инсталација да е технички исправна.
Од ЕСМ затоа апелираат проверките и евентуалните поправки да се завршат навреме, за домаќинствата без проблеми да ја дочекаат грејната сезона.

