Жените се побројни меѓу вработените во македонската јавна администрација, но нивниот број драстично опаѓа кога станува збор за највисоките функции. Ова е еден од главните заклучоци во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Од 110.885 вработени во јавниот сектор, 57,5 проценти се жени. Но, во Собранието нивното учество во 2024 година било 39,2 проценти, додека во Владата само 15 проценти.
Во актуелниот владин состав од 20 министри со ресор, само три се жени. Ниту една жена не е меѓу петтемина вицепремиери.
Состојбата во Собранието е поинаква. Жените имаат значително присуство меѓу пратениците, но од 1991 година досега ниту една жена не била претседател на законодавниот дом. Во актуелниот состав има една жена потпретседател.
Ревизијата покажала и дека институциите немаат единствен систем за избор и именување на високите раководители. Дополнително, недостигаат конкретни мерки и механизми за следење на напредокот во родовата еднаквост.
Како сериозна пречка за поголемо учество на жените во политиката и на раководни функции се издвојува и говорот на омраза, особено на интернет.
Државните ревизори препорачуваат појасни мерки, подобра координација меѓу институциите и поголема поддршка за развој на лидерските способности на жените.

