Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор предизвика реакции откако најави дека неговото министерство ќе отвори официјална истрага за таканаречените „chemtrails“, односно тврдењата дека белите траги зад авионите се резултат на намерно испуштање опасни хемикалии.
Најавата беше објавена на конференција на организацијата Children’s Health Defense во Вашингтон, на која Кенеди порано беше долгогодишен лидер. Пред присутните активисти тој порача дека имаат „силен и постојан пријател во Белата куќа“, а зборуваше и за дел од здравствените политики на администрацијата на Доналд Трамп.
Неговата изјава предизвика остри реакции кај дел од медицинската и научната јавност. Поранешната висока здравствена функционерка во американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Дебра Хури, оцени дека вниманието треба да биде насочено кон реалните причини за хроничните заболувања, наместо кон тврдења за кои досега нема научни докази.
Кенеди и претходно јавно зборувал за „chemtrails“. Во едно интервју тој изрази сомневање дека зад наводното прскање би можела да стои американската воена агенција DARPA и тврдеше дека во авионското гориво можеби се додаваат супстанции како алуминиум и стронциум. Тој тогаш најави дека ќе се обиде да утврди кој стои зад таквата наводна практика.
Научното објаснување за белите траги што ги оставаат авионите е поинакво. Станува збор за кондензациски траги, познати како „contrails“, кои се создаваат кога водената пареа од моторите ќе се најде во екстремно студениот воздух на големи височини.
Авионските мотори согоруваат керозин, при што меѓу продуктите на согорувањето се создава и водена пареа. На височини од околу осум до десет километри, каде температурите можат да бидат исклучително ниски, таа пареа кондензира и замрзнува во ситни ледени кристали. Во зависност од атмосферските услови, трагите можат брзо да исчезнат или да останат видливи подолго време и постепено да се шират.
Тврдењата за тајно масовно прскање од комерцијални авиони досега не се потврдени со научни докази. Една студија од 2016 година, во која биле анкетирани атмосферски научници и геохемичари, покажа дека огромното мнозинство од испитаниците не нашле докази за тајна програма за атмосферско прскање.
Темата повторно се најде во центарот на вниманието откако американскиот министер најави институционална истрага, со што старото тврдење за „chemtrails“ доби нова јавна и политичка димензија.

