HomeТРЕНДКУЧЕ ПРЕЖИВЕАЛО ПОВЕЌЕ ОД 50 ЧАСА ВО СНЕГОТ ПО ЛАВИНА

КУЧЕ ПРЕЖИВЕАЛО ПОВЕЌЕ ОД 50 ЧАСА ВО СНЕГОТ ПО ЛАВИНА

Повеќе од два дена сама на замрзната планина, опкружена со снег и изложена на суровите зимски услови на Алјаска – четиригодишната кучка ЛуЛу преживеала вистинска драма, откако лавина ја одвоила од нејзиниот сопственик. По повеќе од 50 часа неизвесност, таа била пронајдена жива благодарение на истрајноста на спасувачките екипи и сигналот од „Епл ертаг“ прикачен на нејзината огрлица.

ЛуЛу, мешавина од пудлица и хаски, била со сопственикот Брајан и негов пријател во државниот парк Чугач, во близина на езерото Еклутна, недалеку од Енкориџ. Кога се активирала лавината, двајцата мажи биле повредени, но спасувачите успеале да ги извлечат и да ги пренесат во болница. За кучето, пак, немало никаква трага.

Потрагата ја организирала Лорен Падавер, партнерката на Брајан, која во моментот на несреќата не била во градот. Спасувачите пребарувале терен покриен со длабок снег, но првичните обиди биле безуспешни. Со секој изминат час растела загриженоста дека ЛуЛу нема да ги издржи екстремните услови.

Пресвртот се случил по повеќе од 50 часа, кога Аманда Баркер и Дејв Бекет успеале да го регистрираат сигналот од уредот на нејзината огрлица. Со помош на добиените информации, тие со хеликоптер се упатиле кон локацијата на која се претпоставувало дека се наоѓа кучето.

Од воздух забележале бело куче како стои среде снежната пустина. По слетувањето, спасувачите морале да пешачат уште околу 20 минути низ длабокиот снег за да стигнат до неа. ЛуЛу почнала да лае, но во почетокот била недоверлива и исплашена.

„Ајде, душо. Ќе се повозиме, ЛуЛу“, ѝ зборувала Баркер додека се обидувала да ја смири. Спасувачите на крајот успеале да ѝ пријдат, да ја стават на поводник и безбедно да ја однесат до хеликоптерот.

По успешното спасување, Лорен Падавер преку Фејсбук им се заблагодарила на сите што учествувале во потрагата, вклучувајќи ги копнените тимови и воените спасувачи.

„Никогаш нема да го заборавам она што го направивте за ЛуЛу, Брајан, неговиот пријател и за мене“, напишала таа, додавајќи дека оваа несреќа ѝ покажала колку луѓето можат да бидат извонредни кога ќе се обединат околу една цел.

По повеќе од два дена на суровиот планински терен, ЛуЛу конечно била на сигурно. Нејзината приказна е уште еден пример како упорноста на спасувачите и мал технолошки уред можат да направат разлика меѓу очајот и среќниот крај.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО