Левица жестоко го нападна премиерот Христијан Мицкоски по неговата реакција на новинарско прашање поврзано со користењето на македонските аеродроми од американски воени авиони. Од партијата обвинуваат дека премиерот избегнал да одговори на суштинското прашање и наместо тоа го нападнал новинарот кој го поставил, а потоа упатил извинување кон „стратешките партнери“.
Според Левица, јавноста има право да знае какви безбедносни последици може да имаат одлуките поврзани со присуството и активностите на странски воени авиони на територијата на Македонија. Оттаму посочуваат дека прашањето било директно поврзано со изјавите на Мицкоски во американскиот медиум „Брајтбарт“, каде што зборувал за „отворено небо“ за американски воени авиони и за подготвеноста на земјата да обезбедува поддршка за американските сили.
Од Левица велат дека наместо да даде конкретно објаснување, Мицкоски го квалификувал новинарското прашање како „несмасно“ и „злонамерно“, а потоа разговорот го насочил кон НАТО и односите со САД. Според партијата, на тој начин се избегнува одговорот на клучното прашање – дали Владата јавно открива информации кои можат да бидат чувствителни од безбедносен аспект.
Левица бара Владата јавно да објасни врз основа на кој договор се овозможува користење на македонските аеродроми од американски воени авиони, која институција ги носи одлуките и какви процедури се применуваат при давање на таквите одобренија.
Од партијата дополнително тврдат дека членството во НАТО не значи автоматско прифаќање на секоја воена или логистичка активност без јасна правна основа и без институционална одговорност. Во тој контекст се повикуваат на изјави на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, според кои одредени воени операции на САД и нивните партнери не се операции на НАТО, додека користењето инфраструктура и логистичката поддршка се регулираат преку договори меѓу конкретните држави.
Левица остро го критикува и политичкиот однос на Мицкоски кон Вашингтон, оценувајќи дека стратешкото партнерство со САД не смее да се претвори во лично политичко врзување со една администрација или еден претседател. Според нив, државните интереси мора да бидат поставени над дневнополитичките односи и личните политички симпатии.
Најголемата критика, сепак, ја упатуваат кон извинувањето на Мицкоски кон „стратешките партнери“. Од Левица велат дека премиерот не треба да се правда пред странски партнери затоа што домашен новинар поставил прашање за безбедноста на државата.
„Премиерот има обврска да одговара пред македонските граѓани, а не да ги третира новинарските прашања како проблем. Македонија може да има сојузници, но сојузништвото не значи послушност и не смее да биде изговор за молк и нетранспарентност“, порачуваат од Левица.

