Најавените промени во правилата за користење боледување отворија нова политичка дебата. Откако директорот на ФЗОМ, Златко Перински, најави дека матичните лекари би можеле да издаваат боледување до пет дена наместо досегашните седум, од Левица најавија дека ќе поднесат законски предлог во Собранието.
Пратеникот Амар Мециновиќ изјави дека партијата ќе бара прашањето да биде регулирано со закон, а не само преку правилник. Од Левица сметаат дека предложените промени можат да имаат последици врз правата на работниците.
Од ФЗОМ, пак, најавата ја образложија со потребата од спречување можни злоупотреби и зајакнување на контролите. Перински посочи дека проверките би се вршеле и по барање на работодавач, но и по случаен избор, а доколку контролорот не го затекне осигуреникот дома, лицето би било упатено да даде објаснување пред лекарска комисија.
Мециновиќ најави дека пратеничката група ќе продолжи да предлага законски решенија во Собранието. „Перински и ВМРО-ДПМНЕ сакаат со ова да удрат на нешто што не смееме да дозволиме да удрат. Затоа што следно ќе бидат пензиите“, порача тој.
Предлог-измените на правилникот допрва треба да бидат разгледани од Управниот одбор на Фондот.

