Бугарскиот ММА борец Валери Атанасов се огласи неколку дена по тешката повреда што ја заработи на борбата против Хрватот Тириел Лука Абрамовиќ на FNC спектаклот во Загреб.
Атанасов се повреди во текот на втората рунда, по што поради скршеница на потколеницата борбата мораше да биде прекината. Победата со технички нокаут му припадна на 24-годишниот Абрамовиќ.
По операцијата, Атанасов објави фотографија од повредената нога и им се заблагодари на FNC и на сите кои му помогнале за време на лекувањето. Тој наведе дека организацијата ги презела медицинските трошоци и му обезбедила сместување во Загреб додека трае неговото закрепнување.
„Ви благодарам на сите за поддршката. Патот кон опоравувањето започнува сега, а ќе се вратам посилен од кога било“, порача бугарскиот борец.
За Абрамовиќ ова беше петта последователна победа во FNC. Хрватот по мечот изрази жалење за повредата на противникот и порача дека би прифатил реванш доколку Атанасов посака борба по целосното закрепнување.

