Македонија започнува со подготовките за воспоставување функционален пазар на природен гас, а носител на процесот ќе биде МЕМО ДООЕЛ Скопје. Владата ги усвои заклучоците со кои се отвора патот кон создавање модел за организирано тргување со природен гас во земјава.
Во следниот период МЕМО треба да изработи сеопфатен план со кој ќе се утврди начинот на функционирање на идниот оператор. Документот треба да ги опфати организациските и техничките услови, ИТ-системите, потребните законски решенија, како и финансиските аспекти на процесот.
Изборот на МЕМО е поврзан со фактот што компанијата веќе има искуство во организацијата и управувањето со енергетски пазар. МЕМО во моментов е национален оператор на организираниот пазар на електрична енергија и располага со развиена пазарна и ИТ-инфраструктура.
Од Владата проценуваат дека користењето на постојните капацитети може да овозможи побрзо воспоставување на системот, наместо формирање целосно нов субјект кој би барал дополнителна администрација, време и финансиски средства.
Новото решение треба да создаде услови за организирано тргување со природен гас, како и за воведување јасни правила за учесниците на пазарот и за балансирање на понудата и потрошувачката.
Потребата од ваков систем станува особено значајна со развојот на регионалната гасна инфраструктура и планираното поврзување на земјата со соседните пазари. Со новите интерконекции се очекува да се зголемат можностите за снабдување од различни извори.
Според планираниот модел, на подолг рок би можело да се воспостави интегриран оператор кој ќе ги опфаќа пазарите на електрична енергија и природен гас. Таквиот пристап, според Министерството за енергетика, би требало да придонесе за поефикасно функционирање на енергетските пазари и постепено усогласување со европските правила.
За реализацијата на активностите МЕМО ќе треба да подготви конкретни чекори и да го следи процесот на воспоставување на новиот пазарен механизам, кој треба да биде подготвен во пресрет на идното зголемување на капацитетите за увоз и транспорт на природен гас.

