Зголемените ризици за снабдувањето со енергенси поради конфликтот со Иран ги туркаат земјите од Г7 кон нова координација. Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека лидерите на групата во следните недели ќе одржат состанок посветен на состојбата на енергетските пазари.
Макрон посочи дека целта е членките да ја засилат соработката и да се избегнат дополнителни тензии меѓу сојузниците и клучните партнери. На маса ќе биде и можноста за ослободување на дел од стратешките резерви на енергенси или олеснување на одредени ограничувања на пазарот.
Најавата доаѓа во период кога Франција се соочува и со зголемен притисок поради високите цени на горивата. Владата одржа состаноци со претставници на парламентарните партии, при што покрај енергетската состојба биле разгледани и кризите на Блискиот Исток и во Украина и нивното влијание врз глобалниот енергетски пазар.
Состанокот на Г7 треба да биде насочен кон мерки што би помогнале да се обезбеди постабилно снабдување и да се намалат ризиците од дополнителни нарушувања на енергетските пазари.

