Малолетникот кој беше убиен откако со ножеви нападна припадник на српската Жандармерија пред израелската амбасада во Белград, претходно бил уапсен во Германија под сомнение дека подготвувал терористички напад. Според информации на српската телевизија Н1, тој бил приведен во Минхен во мај, а во јули бил депортиран во Србија.
Малолетникот бил роден во околината на Шабац. За време на испрашувањето од германските безбедносни служби, наводно раскажал дека преку интернет почнал да следи содржини поврзани со исламскиот фундаментализам и терористички организации како Ал Каеда и Исламска држава.
Според сознанијата објавени од Н1, по контакт со непознато лице во Германија, тој започнал да планира напад врз еврејската заедница во Минхен.
По неговото враќање во Србија се поставува прашањето дали бил под надзор на тамошните безбедносни служби. Н1 испратил прашања до Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција за тоа дали бил следен по депортацијата.
Министерот за внатрешни работи во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, претходно изјавил дека безбедносните служби го следеле малолетникот и дека тој бил приврзаник на Исламска држава. Дачиќ навел дека на неговиот профил на Инстаграм имало црно знаме и симбол на организацијата.
Сепак, министерот не објаснил како службите го следеле осомничениот, ако, според неговите зборови, неговиот идентитет сè уште не бил утврден.
Нападот пред израелската амбасада во Белград се случил 15 минути по полноќ. Малолетникот со два ножа нападнал жандарм кој го обезбедувал дипломатското претставништво. Припадникот на Жандармеријата возвратил во самоодбрана и го усмртил напаѓачот, а притоа се здобил со полесна повреда на лицето.
По инцидентот, Србија го подигнала нивото на терористичка закана на највисокиот степен.

