Нова алатка со вештачка интелигенција, развиена од истражувачи на „Мајкрософт“, покажала значително подобри резултати од лекарите во откривањето на сложени медицински состојби. Според истражувањето објавено во научното списание „Science“, системот бил повеќе од двојно попрецизен во поставувањето дијагнози од лекарите во примарната здравствена заштита, пренесува „Ројтерс“.
За разлика од многу постојни системи со вештачка интелигенција, кои ги обработуваат достапните медицински податоци одеднаш, новата технологија го следи начинот на кој размислува лекарот. Таа постепено собира информации, одредува кои прашања треба да му ги постави на пациентот, кои прегледи се потребни и какви дополнителни испитувања треба да се направат врз основа на добиените резултати.
Во тестирањето биле опфатени повеќе од 300 ретки и комплицирани медицински случаи. Истражувачите утврдиле дека системот постигнал повеќе од двојно поголема прецизност од лекарите, кои за време на проценките имале пристап и до медицинска литература и до интернет. Добри резултати биле забележани и при анализа на случаи од голема база на податоци собрани во одделенијата за итна медицинска помош.
Клучната разлика е во тоа што системот не се обидува веднаш да даде конечен одговор. Наместо тоа, тој ги разгледува можните дијагнози, ги анализира новите информации и го менува планот доколку се потребни дополнителни тестови. Во процесот користи и посебен механизам кој го организира дијагностичкиот пристап на начин што наликува на соработка меѓу лекари од различни специјалности.
Од „Мајкрософт“ посочуваат дека досегашните тестови за медицинска вештачка интелигенција често се засновале на прашања со однапред понудени одговори. Таквиот пристап, според истражувачите, не ја отсликува целосно реалноста, бидејќи пациентите вообичаено не доаѓаат на преглед со јасно подредена медицинска историја и сите потребни информации.
Доминик Кинг, потпретседател на здравствениот оддел за вештачка интелигенција во „Мајкрософт“, објаснува дека вистинската медицинска дијагностика бара разговор со пациентот, проценка на симптомите и постепено собирање на наодите.
Истражувањето покажало и дека планирањето на прегледите и испитувањата со помош на новиот систем било поевтино отколку кога истиот процес го спроведувале лекарите. Од тимот нагласуваат дека целта не е да се измери само точноста на дијагнозата, туку и колку внимателно и рационално се избираат следните медицински чекори.
Истражувачите планираат дополнителни испитувања во соработка со медицинскиот центар „Бет Израел Диконес“ во Бостон. Во следната фаза ќе проверуваат дали системот може сигурно да ја процени итноста на состојбата кај пациентите кои чекаат преглед во ургентните одделенија.
И покрај ветувачките резултати, технологијата допрва треба да помине низ дополнителни проверки за да се утврди како ќе функционира во секојдневната медицинска практика.

