Седумкратниот светски шампион во MotoGP, Марк Маркез, во интервју за „The i Paper“ отворено зборуваше за најтешките моменти во својата кариера, последиците од сериозните повреди, можната пензија и односот со неговиот поранешен голем ривал Валентино Роси.
Шпанскиот возач признава дека годините по тешката повреда во 2020 година биле исклучително тешки. Пребрзото враќање на патеката дополнително ја влошило неговата состојба, а низ годините следувале повеќе операции и долг период на рехабилитација.
И покрај физичките последици, Маркез успеа да се врати на врвот и повторно да се бори за најголемите трофеи. Тој признава дека телото денес му поставува одредени ограничувања, но сè уште успева да го приспособи стилот на возење и да биде конкурентен.
Токму здравјето може да биде факторот што еден ден ќе го натера да стави крај на кариерата. Маркез вели дека не сака однапред да одреди кога ќе се пензионира, туку ќе ја носи одлуката зависно од тоа како неговото тело ќе реагира во наредните години.
Во интервјуто неизбежно се најде и Валентино Роси, со кого Маркез имаше едно од најголемите ривалства во историјата на MotoGP. Шпанецот не очекува нивниот личен однос да се промени, но истовремено признава дека има голема почит кон достигнувањата на италијанската легенда.
Маркез денес повеќе не е опседнат со тоа да го надмине Роси по бројот на титули. Откако повторно се врати на победничкиот пат, приоритет за него е да ужива во остатокот од кариерата и да остане здрав.
И покрај сите проблеми, Маркез продолжува да се натпреварува со најдобрите и да ја предводи новата ера на MotoGP, додека младите возачи постепено ја преземаат сцената.

