На 9 ноември 1967 година во Сан Франциско беше објавен првиот број на списанието „Rolling Stone“, публикација која подоцна ќе стане едно од највлијателните имиња во светската музичка и поп-културна индустрија.
Списанието го основаа Џен Венер и музичкиот критичар Ралф Глисон, во време кога рок-музиката стануваше многу повеќе од забава и сè почесто беше поврзувана со општествените промени, политиката и младинската култура.
На насловната страница на првиот број се најде Џон Ленон, фотографиран во костимот од филмот „How I Won the War“.
Со текот на годините, „Rolling Stone“ прерасна во значаен медиум за музички критики, интервјуа, репортажи и анализи, следејќи ги најголемите светски ѕвезди и промените во музичката индустрија.
Речиси шест децении подоцна, неговото име и понатаму е тесно поврзано со историјата на модерната музика.

