HomeМКДНОВАТА АПЛИКАЦИЈА „М.УСЛУГИ“ СЕ НАЈАВУВА ЗА ОКТОМВРИ

НОВАТА АПЛИКАЦИЈА „М.УСЛУГИ“ СЕ НАЈАВУВА ЗА ОКТОМВРИ

Граѓаните наскоро би можеле личната карта и возачката дозвола да ги имаат директно во својот мобилен телефон. Новата апликација „м.Услуги“ треба да биде официјално промовирана во октомври, но засега останува отворено прашањето дали дигиталните документи веднаш ќе можат целосно да ги заменат физичките.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека апликацијата ќе овозможи електронски пристап до личната карта и возачката дозвола, како и до уште две електронски услуги. Таа треба да биде достапна на App Store и Google Play.

Тест-верзијата досега ја презеле околу 6.000 граѓани, а во моментов се финализираат тестирањата и поврзувањето на системот со Министерството за внатрешни работи.

За користење на апликацијата предвиден е пристап преку еИД и шестцифрен ПИН, по што корисникот ќе може да ги додаде своите документи.

Иако проектот беше претставен уште минатата година, официјалното пуштање беше повеќепати најавувано. Сега како нов рок се посочува октомври.

Сепак, остануваат важни дилеми – дали дигиталната лична карта ќе има целосно иста правна важност како пластичната, дали возачката во телефонот ќе биде доволна при полициска контрола и во кои институции ќе се прифаќаат електронските документи.

Не е разјаснето ниту како граѓаните ќе постапуваат доколку немаат интернет, им е испразнета батеријата на телефонот или се појави технички проблем.

Дополнително внимание се посветува на безбедноста и заштитата на личните податоци, особено во случај на изгубен или украден телефон.

Затоа, иако „м.Услуги“ може да биде значаен чекор кон дигитализација на документите, засега не значи дека граѓаните ќе можат да престанат да ги носат физичките лични карти и возачки дозволи. За тоа ќе бидат потребни јасни правила и официјални законски потврди.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО