HomeМКДНОВИ ПАТИШТА, КАНАЛИЗАЦИЈА И ТУРИСТИЧКИ ПРОЕКТИ ВО ПРЕСПА

НОВИ ПАТИШТА, КАНАЛИЗАЦИЈА И ТУРИСТИЧКИ ПРОЕКТИ ВО ПРЕСПА

Подобрување на патната и комуналната инфраструктура, инвестиции во туризмот и финансиска помош за семејствата се дел од активностите што Општина Ресен ги спровела во првата година од вториот мандат на градоначалникот Јован Тозиевски. Локалната власт посочува дека дел од проектите се реализираат со поддршка од Европската Унија и централните институции, со цел да се подобрат условите за живот и да се поттикне економскиот развој на Преспа.

Во изминатиот период биле преземени повеќе инфраструктурни зафати, меѓу кои хидротехнички истражувања во селото Штрбово и реконструкција на патниот правец од Мостот на Голема Река до депонијата. Работено било и на асфалтирање и поставување водоводна мрежа на улиците „Наум Веслиевски“, „11-ти Септември“ и „Бигла“, како и на изградба на атмосферска канализација на дел од улицата „Борис Кидрич“.

Посебен акцент е ставен и на подобрувањето на системите за одведување отпадни води во населените места. Примарни фекални канализациски системи се поставени во Долно Дупени, Крани, Стење и Брајчино, каде што продолжуваат активностите за изградба на пречистителни станици. Во меѓувреме, градежни работи се изведуваат и на улиците „Иво Лола Рибар“, „7-ма Македонска ударна бригада“ и „Никола Карев“.

За подобро функционирање на комуналните служби, општината го обновила дел од механизацијата со набавка на два камиони за собирање отпад, камион-кипер и минибагер. Опремата е обезбедена во соработка со Министерството за животна средина, додека преку мисијата „Флоријан“ е добиено и ново противпожарно возило.

Меѓу проектите со потенцијал за долгорочен развој на регионот се издвојува и започнатата изградба на пешачко-велосипедска патека во должина од 180 километри низ Преспа, со финансиска поддршка од Европската Унија. Со неа се очекува да се подобрат можностите за активен туризам и да се поврзат природните убавини, културното наследство и гастрономската понуда на регионот околу Преспанското Езеро.

Покрај инфраструктурните и туристичките инвестиции, Општина Ресен спроведува и мерки за поддршка на граѓаните. Финансиска помош е предвидена за децата што за првпат се запишуваат во основно образование, како и за учениците што започнуваат средно образование. Поддршка се доделува и за семејствата со првородено дете, социјално ранливите граѓани, старите лица и семејствата на кои им е потребна институционална помош.

Од локалната самоуправа порачуваат дека продолжувањето на започнатите проекти и реализацијата на нови инвестиции остануваат дел од приоритетите во вториот мандат на Тозиевски. Намерата, како што е наведено во презентираните активности, е преку инфраструктурни подобрувања, комунални услуги и социјални мерки да се создадат подобри услови за жителите на Ресен и населените места во Преспа.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО