Најмалку три лица загинаа, а повеќе луѓе се повредени во нов бран руски воздушни напади врз неколку украински градови во текот на ноќта.
Во Запорожје бил погоден станбен дел од градот, при што животот го загубиле жена и маж, а уште едно лице било повредено. Во Одеса, пак, локалните власти пријавија најмалку 17 повредени, меѓу кои и петмесечно бебе. Нападот предизвикал оштетувања и на станбена зграда.
Жртви има и во Криви Рих. Според локалните власти, едно лице загинало при напад врз фабрика, додека две лица биле повредени. Повреден човек е пријавен и во Харков.
Руското Министерство за одбрана потврди дека руските сили извршиле напади, тврдејќи дека цел биле индустриски капацитети во Запорожје и Криви Рих кои произведувале материјали за воени потреби.
Москва соопшти и дека во Одеската област биле гаѓани пристанишни и транспортни објекти, за кои тврди дека биле користени за воени цели. Овие тврдења не може независно да се потврдат.
Нападите се случуваат во период кога руските воздушни удари врз украинските градови продолжуваат со голем интензитет, а цивилната инфраструктура повторно е меѓу погодените објекти.

