HomeМКДОПШТИНА КАРПОШ ОДБЕЛЕЖА 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

ОПШТИНА КАРПОШ ОДБЕЛЕЖА 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Со свечена гала-вечер и доделување признанија, Општина Карпош го одбележа јубилејот од 50 години постоење. На настанот, одржан во хотелот „Александар Палас“, присуствуваа претставници на институциите, дипломатскиот кор, културниот и општествениот живот, како и делегации од збратимените и пријателските општини од регионот.

Меѓу присутните беа градоначалникот Сотир Лукровски, членовите на Советот и општинската администрација, како и гости од Травник, Стари Град Сараево, Врњачка Бања, Тиват, Живинице и Витина.

Во обраќањето, Лукровски порача дека Карпош во изминатите пет децении се развивал како заедница која ги поврзува граѓаните и создава можности за нови иницијативи. Тој најави дека Општината ќе продолжи да ги поддржува креативните идеи, локалните проекти и поголемото учество на граѓаните во донесувањето одлуки.

Градоначалникот им се заблагодари и на поранешните градоначалници, советници и вработени во општината, истакнувајќи го нивниот придонес во развојот на Карпош.

По повод јубилејот, беа доделени признанија на Противпожарната бригада – пункт Тафталиџе, Итната медицинска помош при ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ и Полициската станица од општа надлежност – Карпош, за нивната долгогодишна работа и соработка во интерес на граѓаните.

Посебни награди добија и тројца професионалци од овие служби. Тоде Саздов беше награден за пожртвуваноста во противпожарната заштита и спасувањето, пензионираниот проф. д-р Василаки Карабашев за придонесот во здравствената заштита и итната медицинска помош, а полицискиот службеник Филип Мирчевски за ангажманот во одржувањето на јавниот ред, мир и безбедност.

На свеченоста беа прогласени и осум заслужни граѓани на Карпош за 2026 година. Меѓу нив се атлетичарката Мирјана Василевска Ташковска, музичарот Пантелеј Кочовски, фудбалерот Ванчо Балевски, оперскиот пејач Благој Нацоски и пејачот и текстописец Александар Митевски, кои добија признанија за своите достигнувања во спортот, музиката и културата.

Постхумно беа оддадени признанија и на актерката Анче Џамбазова, писателот Живко Чинго и архитектот, писател и просветител Георги Константиновски, за нивното значајно и трајно наследство во македонската култура, уметност, литература и архитектура.

Во одбележувањето беа вклучени и најмладите. Благодарници добија четворица ученици и тројца наставници од ООУ „Димо Хаџи Димов“ за подготовката на мултимедијална содржина по повод 50-годишнината.

Програмата беше заокружена со музички и сценски настапи на македонски изведувачи. Посебен момент беше изведбата на песната посветена на Карпош од детскиот хор „Златно славејче“ и женскиот хор „Фрида“, под водство на Драган Спасов Дав и Александар Митевски.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО