Македонија започнува со воведување на интелигентни транспортни системи (ИТС), проект што треба значително да ја подобри безбедноста на патиштата, да го олесни управувањето со сообраќајот и да обезбеди навремени информации за возачите.
За таа цел, Владата подготвува измени на пет закони кои ќе создадат правна основа за примена на современи дигитални технологии во патниот сообраќај. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека активностите се дел од реформската агенда на државата и се реализираат во координација со Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа и Делегацијата на Европската Унија.
Паралелно со законските измени, започнува и реализација на инвестиција вредна 13 милиони евра, финансирана со поддршка од Светската банка и Европската Унија преку механизмот за Западен Балкан. Во првата фаза паметните транспортни системи ќе бидат поставени долж Коридорот 10, а во наредниот период е предвидено нивно проширување и на Коридорот 8.
Проектот предвидува инсталирање системи за автоматско мерење на тежината на товарните возила без нивно запирање, електронско следење на транспортот на опасни материи, како и станици за мониторинг на квалитетот на воздухот покрај автопатот А1.
Во рамките на проектот ќе биде формиран и Национален центар за управување со сообраќајот, кој ќе има задача во реално време да ја следи состојбата на државните патишта, да реагира при сообраќајни незгоди и застои и да ги информира возачите за можните ризици и условите за патување. Центарот е планирано да биде сместен во објектот на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец.
Од Министерството очекуваат воведувањето на овие технологии да придонесе за побрз проток на сообраќајот, поголема безбедност за сите учесници, поефикасна реакција при вонредни ситуации и намалување на штетните емисии во животната средина. Со тоа, македонската патна инфраструктура треба постепено да се усогласи со современите европски стандарди за интелигентно управување со сообраќајот.

