Трката за нов раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција влегува во завршна фаза, а меѓу петмината обвинители кои се пријавија за функцијата е и Трајче Пеливанов.
За наследник на Ислам Абази конкурираат Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. Во текот на постапката кандидатите ги презентираат своите професионални ставови, како и визијата за тоа како треба да функционира институцијата во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Пеливанов зад себе има долгогодишен обвинителски стаж. Во јавниот обвинителски систем влегол во 2009 година, кога започнал да работи во скопското обвинителство. По шест години работа таму, во 2015 година продолжил како дел од Специјалното јавно обвинителство.
Неговата кариера подоцна продолжила во ОЈО ГОКК, каде што во април 2021 година бил избран за обвинител. Во периодот на суспензијата на тогашната шефица Вилма Русковска, Пеливанов бил назначен да ја извршува раководната функција во обвинителството.
По ова искуство, бил избран за виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Токму работата на повеќе нивоа во обвинителството, како и искуството со сложени предмети, Пеливанов ги наведува како дел од главните причини поради кои смета дека има соодветна професионална основа за раководната функција.
Тој во својата кандидатура го истакнува долгогодишното работење во јавното обвинителство, професионалниот интегритет и искуството стекнато во предмети поврзани со организиран криминал и корупција.
Пеливанов наведува дека во текот на својата кариера бил ангажиран на сложени кривични постапки, при што дел од обвиненијата што ги застапувал продолжиле и низ повисоките судски инстанци, вклучително и пред Европскиот суд за човекови права.
Како дополнителна предност го посочува и раководното искуство што го стекнал во самото ОЈО ГОКК. Според него, комбинацијата од работа на предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата и непосредното управување со обвинителството му овозможува подобро да ги согледа неговите внатрешни потреби и предизвици.
Кога станува збор за идните чекори и мерките што би ги презел доколку ја добие функцијата, Пеливанов најавува дека тие ќе бидат прецизирани во неговата изборна програма.
Тој информира дека програмата е во завршна фаза и дека по нејзиното финализирање ќе биде претставена, со што јавноста ќе може да ги види неговите конкретни приоритети за работата на обвинителството.
Според најавите, до крајот на следниот месец треба да биде познато кој од петмината кандидати ќе го преземе раководењето со ОЈО ГОКК.

