HomeТРЕНДПЛЕЈСТЕЈШН МОЖЕБИ ЌЕ СЕ ПРЕДОМИСЛИ ЗА ИГРИТЕ НА ДИСК

ПЛЕЈСТЕЈШН МОЖЕБИ ЌЕ СЕ ПРЕДОМИСЛИ ЗА ИГРИТЕ НА ДИСК

Одлуката на „Сони“ постепено да ги исфрли физичките изданија на игрите за „Плејстејшн“ можеби нема да биде конечна. Компанијата, според информации кои кружат во гејминг-заедницата, започнала да собира мислења од развојните студија и партнери, што отвора можност планот повторно да биде разгледан.

Информациите доаѓаат од познатиот инсајдер под псевдонимот Moore’s Law Is Dead, кој тврди дека „Сони“ испратил обемна анкета до развивачите. Еден од деловите на анкетата наводно се однесува на иднината на физичките копии и реакциите што би можело да ги предизвика нивното укинување.

Темата стана особено чувствителна откако беше објавен план според кој од 2028 година новите игри за „Плејстејшн“ би се продавале без класичен диск. Наместо тоа, купувачите би добивале дигитални верзии или пакувања со код за преземање.

За дел од гејмерите ова би претставувало значителна промена. Физичките игри денес често можат да се купат по пониска цена, да се препродаваат или да се разменуваат, а токму тие можности би биле ограничени доколку пазарот целосно се префрли на дигитални изданија.

Дополнителна загриженост постои и околу долгорочното чување на игрите. Кај дигиталните купувања корисникот добива лиценца за користење, додека физичкиот диск овозможува играта да остане во сопственост на купувачот и без зависност од достапноста на дигиталната продавница.

Засега нема официјална потврда дека „Сони“ се откажал од планот за постепено укинување на дисковите. И информациите за анкетата доаѓаат од неофицијален извор, па останува да се види дали реакциите на развивачите и играчите навистина ќе влијаат врз конечната одлука.

Доколку компанијата навистина направи промена, тоа би било значаен пресврт во плановите за иднината на „Плејстејшн“ и физичките изданија на игрите.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО