Бројот на случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил во Европа значително се зголемил во текот на последните недели. Од почетокот на сезоната на пренос досега се регистрирани повеќе од илјада локално стекнати инфекции, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).
До 3 септември биле евидентирани вкупно 1.086 случаи во 15 европски земји, а бројката бележи нагорен тренд во последниот период. За споредба, на почетокот на август биле пријавени нешто повеќе од 240 случаи во седум земји.
Најголем број инфекции има пријавено Италија – 516, по што следуваат Грција со 284 случаи и Шпанија со 88.
Вирусот досега бил детектиран во 144 подрачја низ Европа, од кои 62 се во Италија. Сепак, од ECDC предупредуваат дека официјално пријавените бројки не мора да ја покажуваат целосната распространетост на инфекцијата.
Вирусот на Западен Нил најчесто циркулира меѓу дивите птици и комарците. Заразените комарци потоа можат да го пренесат вирусот и на луѓето.
Според германскиот Институт „Роберт Кох“, кај приближно 20 отсто од заразените може да се појават симптоми слични на грип, додека кај околу еден од 100 заразени лица болеста може да добие сериозна форма.
Во најголем број случаи инфекцијата поминува без потешки компликации. Сепак, кај пациентите кои развиваат тешка форма на болеста, можни се и долготрајни последици.

