Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс за првпат ќе распореди патролни бродови во Ла Манш, со цел да им помогне на француските служби во операциите за пребарување и спасување на мигранти кои се соочуваат со проблеми при обидите да стигнат од северна Франција до Велика Британија.
Првиот брод веќе дејствува во близина на францускиот брег и ги поддржува француските спасувачки екипи. Операциите се координираат и со авион за надзор кој Фронтекс го користи во областа од 2021 година.
Според планот, во септември треба да биде ангажиран еден брод од Шпанија, додека вториот шпански брод треба да пристигне во октомври. Од ноември до јануари 2027 година се очекува учество и на бродови од Литванија.
Француските власти и понатаму ќе имаат целосна контрола врз операциите во кои ќе учествуваат пловилата на Фронтекс. Од агенцијата нагласуваат дека нивната задача е исклучиво поддршка на спасувачките активности и дека бродовите нема да бидат користени за пресретнување на мигранти на море.
ПОМАЛКУ МИГРАНТИ СТИГНУВААТ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Преминувањето на Ла Манш со мали и гумени чамци со години претставува сериозен проблем за европските и британските власти. Криумчарските групи во последно време сè почесто користат поголеми пловила за транспорт на поголем број луѓе.
Сепак, според податоците на британското Министерство за внатрешни работи, бројот на мигранти кои пристигнале во Велика Британија преку Ла Манш значително се намалил во првата половина од 2026 година.
Лондон веќе подолг период соработува со Франција во обид да го намали бројот на нелегалните преминувања, при што британските власти обезбедуваат финансиска поддршка за мерките за зајакнување на безбедноста долж францускиот брег.
Француските служби се насочени и кон откривање и разбивање на мрежите за криумчарење луѓе. Сепак, мигрантите најчесто не се запираат додека се на море, бидејќи таквите интервенции може дополнително да го загрозат нивниот живот.
Оние кои ќе бидат спасени на море остануваат во Франција и имаат слобода на движење, а дел од нив повторно се обидуваат да го преминат Ла Манш.

