Жичницата на Водно сè уште не превезува патници поради технички проблеми, а нејзиното оспособување треба да започне во октомври. За поправките е ангажирана австриската компанија „Doppelmayr“, која ја произведе и ја постави жичницата.
Од ЈСП Скопје информираат дека при техничките контроли биле откриени недостатоци поради кои објектот морал да биде исклучен од употреба. По спроведената постапка за избор на изведувач, со австриската компанија е договорено да ги обезбеди потребните делови и материјали, да ги изврши монтажата и сервисирањето.
Според очекувањата на ЈСП, доколку нема непредвидени проблеми, работите би можеле да завршат околу Нова година. Сепак, точниот рок ќе зависи од техничката сложеност на интервенциите и од резултатите на завршните проверки.
За сервисирањето и набавката на резервни делови е предвиден договор со максимална вредност од 53,1 милиони денари со ДДВ. Финансиската понуда на компанијата изнесува околу 43,35 милиони денари со ДДВ, но тоа не значи дека целата сума задолжително ќе биде потрошена. Конечниот износ ќе зависи од реалните потреби за делови и сервисни зафати.
Во листата на потребната опрема се вклучени различни механички и електронски компоненти, делови за кочниот и погонскиот систем, како и сензори за следење на јажето. Предвиден е и сервис на електричниот мотор, а дополнително ќе се пресметуваат и работните часови за хидраулични, електрични и механички интервенции.
Договорот е со важност од 12 месеци или до искористување на предвидените средства. Резервните делови треба да бидат оригинални производи на „Doppelmayr“ или одобрени од производителот, а по нивното вградување ќе следуваат тестирања и проверки.
Од ЈСП порачуваат дека жичницата нема да биде повторно ставена во функција сè додека не се отстранат сите утврдени недостатоци и не се потврди нејзината безбедност за патниците.

